Покрај општо прифатениот став дека кардиоваскуларните болести (КВБ) се водечка закана за целата популација, сè уште постојат заблуди дека тоа се однесува првенствено на средовечните мажи.
Постои разидување меѓу перцепцијата/свесноста и реалноста што доведува до нерамнотежа во проценката, дијагнозата и третманот на КВБ кај жените. Имено, жените сметаат дека естрогените хормони ги штитат и не се изложени на ризик од КВБ. Кај жените стравот од карцином на дојка е поголем од стравот од инфаркт на миокардот.
Во реалноста, точно е дека ризикот кај жените за срцев удар значително се зголемува по менопаузата, но срцевите болести и мозочниот удар убиваат повеќе жени отколку сите видови на рак, туберкулоза, ХИВ/СИДА заедно.
Разлики во ризик факторите помеѓу жените и мажите:
Покрај традиционалните ризик фактори заеднички за двата пола – висок притисок, маснотии и шеќер во крвта, дополнителни фактори на ризик кај жените се примена на орална контрацепција, хормонска заместителна терапија, синдромот на полицистични јајници, емоциите.
Разлики во однос на исходот по настанување на срцев удар помеѓу жените и мажите:
Коронарната артериска болест кај жените ги зафаќа помалите крвни садови, но има тенденција да ја зафати целата должина на артеријата што значи дека ако жената има градна болка, тоа е погоден поголем дел од срцевиот мускул.
Жените имаат повисоки стапки на несакани срцеви настани по прележување на инфаркт:
• повисока стапката на смртност отколку кај мажите на иста возраст, особено во првата година,
• поголема можност за нов срцев удар, срцева слабост и мозочен удар, во првите 5 години.
Д-р сци мед. Славица Митровска специјалист по интерна медицина – кардиолог во Биотек Поликлиника
Превенирај за подобро здравје!