Тел: +389 (0)2 5300 898 ; 078/394-829 ; +389 (0)2 5300 766  |  E-mail : laboratorija@bioteklab.com.mk
Почетна  |   За Нас  |   Контакт  |   Работно време  |  
MK  |   EN  |  

ПОДГОТОВКА НА ПАЦИЕНТ

Правилната подготовка на пациентот за земање или оставање примерок  во лабораторија е многу важна, затоа што од тоа зависи точноста на лабораториските резултати. Начинот на подготовка зависи од видот на анализата која треба да се изработи.

На резултатите на лабораториските испитувања влијаат следните параметри:

  • Режим на исхрана во предходниот период
  • Индекс на телесна маса (BMI)
  • Возраст
  • Пол
  • Примена терапија
  • Бременост
  • Физичка активност
  • Одредени животни навики (консумирање на кафе, алкохол, цигари)

НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ - ТОЧНИТЕ ИНФОРМАЦИИ КОИ ГИ ДАВАТЕ ПРЕД ДА ВИ ЗЕМЕМЕ ИЛИ ПРЕД ДА ОСТАВИТЕ ПРИМЕРОК, ВЛИЈААТ НА ПРАВИЛНА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА ВАШИТЕ РЕЗУЛТАТИ !

Давањето на точни податаци пред процесот на венепункција е важно за правилно толкување на резултатите во однос на референтните вредности кои се различни за деца и возрасни; бремени жени и жени во менопауза; пациенти кои примаат одредена терапија и здравата популација.

 

ПРАВИЛНА ПОДГОТОВКА ЗА ВЕНЕПУНКЦИЈА 

 
Пред земање на примерокот се препорачува да не се земаат лекови и препарати кои можат да влијаат на резултатите (препарати на железо, витамини, хормонска терапија, антикоагулантна терапија, диуретици, аналгетици).

За повеќето биохемиски тестови (особено за анализа на гликоза, холестерол, триглицериди...) неопходно е земање на примерок на празен стомак, 10-12h по последниот оброк.

Не се препорачува поголема физичка активност, во тек на 24h пред земањето на примерок, затоа што влијае на зголемување на вредноста на поедини ензими и други аналити (CK, LDH, AST, К, Mg, креатинин).

Земањето на примерок за комплетна крвна слика (еритроцити, хемоглобин, леукоцити...) е можно во тек на целиот ден, а соодветен примерок е и венската и капиларната крв.

Капиларната крв се користи само кога не може да се земе венска крв. Постојат состојби во кои се препорачува земање на капиларна крв кај возрасни:при тешки изгореници, болни со тромбоза, малигни болести, геријатриски болни итн. кај кои тешко се доаѓа до површински вени или истите се осетливи. Капиларна крв може да се земе од ушната ресичка или прст кај возрасните или пета кај новородените.

Примероците за одредување на ниво на туморски маркери, вируси и поголемиот дел на хормони исто така можат да се анализираат независно од времето на земање крв, но препорачливо е да не се консумира храна и течности, најмалку 2-3h пред тоа. За анализите пролактин, кортизол и ACTH неопходно е мирување од 20 минути пред венепункција.

Кај жените, фазата од менструалниот циклус или неделата од бременост влијае на резултатот и тогаш е неопходна консултација со докторот пред земање на примерокот за да се обезбеди правилен примерок.

За да се направи OGTT тест, на пациентот му се дава одредена количина на глукоза. Потребно е тој да планира подолг престој во лабораторијата, бидејќи се зема примерок во временски интервали (од 120 до 180 минути), откако ќе ја земе глукозата. Освен тоа 10 -12 h пред овој тест и во текот на самото изведување не смее да се зема храна и пијалок, освен вода.

По земањето на крв од вена (венепункција) потребно е раката да се држи исправено и цврсто да се притисне на местото на убодот, во траење од минимум 5 минути. Доколку пациентот прима антикоагулантна терапија или зема препарати кои влијаат на коагулацијата (аспирин, андол, цитрон) се притиска минимум 10 минути, за да се спречи појава на модринка (хематом). За да се спречи истото се препорачува да се избегнува и поголема физичка активност, посебно со таа рака во текот на денот (тератана, физичка работа, кревање тежина).

 

ДОКОЛКУ НЕ СТЕ СИГУРНИ ДАЛИ ПОСТОИ СПЕЦИФИЧНА ПОДГОТОВКА (ПРЕАНАЛИТИЧКА ПРОЦЕДУРА) ЗА ЛАБОРАТОРИСКАТА АНАЛИЗА КОЈА ВИ Е ПОТРЕБНА, КОНТАКТИРАJТЕ НE ЗА ДА ДОБИЕТЕ ПОПРЕЦИЗНИ УПАТСТВА!

 

УПАТСТВО ЗА ЗЕМАЊЕ МАТЕРИЈАЛ ЗА АНАЛИЗИ ВО ФЕЦЕС

 

  • Пациентот ги мие рацете и ги брише со крпа за една употреба.
  • Примерокот (фецес) го зема веднаш по дефекацијата, околу 1 кубен см, од повеќе места : слузави, гнојни, крвави, со лажичката од стерилниот сад.
  • Примерокот се става во стерилен сад.
  • Без да се загади капакот, садот добро се затвара.
  • Се доставува во лабораторија најдоцна за 4 часа.
    Кај доенчиња примерокот се зема од пелена на истиот начин.

 

 

УПАТСТВО  ЗА  ЗЕМАЊЕ МАТЕРИЈАЛ НА УРИНА    

 

За преглед на урината неопходно е да се земе после лична хигиена (тоалета со топла вода и сапун).

За анализа на уринарен статус се користи првата утринска урина земена во стерилен сад. Земениот примерок урина треба во најкраток можен рок да се донесе во лабораторија.Доколку не сте во можност да ја донесете веднаш во лабораторија, урината може да се стави во фрижидер. Анализа на примерокот од урина треба да се направи најкасно 2 часа од неговото земање, а максимално 4 часа ако урината се чува во фрижидер.

За анализи при кои се одредува 24 часовна урина ( целодневна) треба да испиете 6 до 8 чаши вода ( околу 1.5 L ). Урината може да ја собирате во чисто пластично шише (најдобро од флаширана вода). Првото утро на собирање на урината, најпрво комплетно испразнете го мочниот меур, ФРЛЕТЕ ја таа урина и забележете го времето. Собирајте ги СИТЕ примероци на урина во текот на денот и ноќта во пластично шише. Точно 24 часа од почетокот на собирањето, комплетно испразнете го мочниот меур и целата урина додајте ја на претходната количина. Овој последен примерок ја комплетира Вашата 24 часовна урина.

 


УПАСТВО ЗА ГЛУКОЗА ТОЛЕРАНС ТЕСТ ( OGTT )

 

Тестот се работи со претходно закажување во лабораторија.
Упатство за пациентот:

  • Најмалку 3 дена претходно пациентот треба да се придржува до вообичаената исхрана со внес на јаглени хидрати најмалку 150 – 200 грама дневно.
  • Пациентот продолжува со  вообичаената физичка активност.
  • Доколку е можно да се прекине користење на лекови и препарати, кои делуваат на метаболизмот на глукозата : диуретици, лаксанти, сулфонамиди, кортикостероиди, хормонски котрацептиви, никотинска киселина, хормони на штитната жлезда,нестероидни антиревматици.
  • Тестот се прави најмалку 3 дена пред менструален циклус.
  • Тестот се прави наутро, на гладно.
  • OGTT се изведува за време од 3 часа.
  • Задолжително е пациентот за време на изведување на тестот да биде присутен во лабораторија, да мирува и да не внесува храна и течности.

 

СОВЕТИ ЗА ПОДГОВОТОВКА НА ПАЦИЕНТИ ЗА ТЕСТ ЗА ОПТОВАРУВАЊЕ СО ГЛУКОЗА

 

  Тестот на оптоварување со глукоза се прави во лабораторија, во траење од 120 минути.

   За време на изведувањето на самиот тест пациентот треба да мирува, не може да јаде, пие пуши.

Неколку дена пред изведувањето на тестот пациентот треба да е на урамнотежена исхрана и не би требало да се изложува на поголеми физички напори. Би требало да се прекине со земање на поедини лекови кои влијаат на метаболизмот на глукоза (пр. коритикостероиди), но само во договор со лекарот.

 

СОВЕТИ ЗА ПОДГОВОТОВКА НА ПАЦИЕНТИ ЗА МИКРОБИОЛОШКИ ИСПИТУВАЊА

 

Сите примероци за микробиолошки анализи најдобро е да се земаат пред започнување на антибиотска терапија или неколку дена ( најмалку 48h ) по прекинот на антибиотската терапија. Микробиолошките испитувања се вршат и во тек на антибиотската терапија, но со цел да се следи терапискиот ефект и тоа мора да биде нагласено при оставањето на примерокот во лабораторијата.

 

1. Земање на примерок за уринокултура

 

Урина за уринокултура задолжително се собира во домашни услови. Подготовка за собирање на урина за уринокултура е потребна кај секој пациент и се разликува според полот (мажи, жени) и возраста (доенчиња, деца). Подготовката отпочнува со тоалета на надворешните генитални органи, миење со млака вода, со или без сапун, но не треба да се користат дезинфекциони средства. Кај жените миењето се врши со туш, од напред кон назад, се впива вишокот вода со тоалетна хартија или пешкир, без триење и без да се доближуваат колениците се отпочнува со мокрење. Кај мажите и машките деца се мијат надворешните гениталии и главата на половиот орган со повлекување на кожичката (препуциум).

Измокрена урина која треба да се собере непосредно по спроведена тоалета на надворешните генитални органи при што првиот млаз од урината се остава да истече во тоалетот и без да се прекине мокрењето се собира средниот млаз директно во стерилното шишенце, при што е доволно чашата да се наполни до една третина од нејзиниот волумен.

Кај децата кои не можат да соработуваат во мокрењето (доенчиња и мали деца), родителот односно лицето кое ќе ја собира урината треба да ги измие рацете, да направи тоалета (миење) на гениталната регија на детето со вода и сапун, и наисчистената површина околу гениталиите да залепи специјална стерилна кесичка наменета за собирање урина кај доенчиња и мали деца, која се набавува од аптека. За 15-тина минути до половина час, откако детето се измокрило, внимателно се одлепува кесичката и се транспортира до лабораторијата.

Урина за уринокултура може да се земе во било кој период од денот, не е неопходна прва утринска урина. Собраната урина треба да се достави во лабораторијата во рок од најмногу 2 часа или, ако е тоа невозможно, да се чува во фрижидер на +4 до +8 степени Целзиусови, најдолго до 24 часа.

Ако не е направена соодветна тоалета (миење) на надворешните генитални органи, ако урината е контаминирана со вагинален секрет кај жените или ако е собран и првиот уринарен млаз, урината нема да биде соодветна за уринокултура, ќе биде контаминирана.  Ако пак урината не е соодветно чувана и не е навреме донесена во лабораторијата, микроорганизмите што ја контаминирале ќе се размножат во поголем број и нема да биде реално испитувањето.

За испитување на присуство на хламидија, микоплазма или уреаплазма со урина како примерок за испитување, потребно е да се собере првиот утрински млаз урина, во кој се собираат епителните клетки од уретрата, а во нив и на нив се наоѓаат овие микроорганизми. Ова најмногу се однесува на мажите, а кај жените најчесто се зема цервикален брис за докажување на овие бактерии.

 

2. Земање на примерок за уретрален брис

 

Уретрален бриссе испитува при сомнеж за уретитис предизвикан од различни бактерии, како и хламидија, микоплазма или уреаплазма. Уретрален брис се зема наутро, пред првото мокрење, а кога тоа не е можно, тогаш може во текот на денот со единствен и главен услов да поминат најмалку 2 часа од последното мокрење.

 

3. Земање на примерок за брис од фаринкс

 

Брис од фаринкс(грло) се земе во текот на денот, најмалку 2h од последното земање на храна и пијалоци и без употреба на гума за жвакање. Пациентот ја отвара устата, го исплазува јазикот надвор и вика „ААА“. Стручното лице со стерилна шпатула го притиска јазикот кон базата на устата и со стерилниот брис го пребришува фаринксот и тонзилиите, внимавајќи да не ја допира слузокожата на устата.

 

4. Земање на примерок за брис од нос

 

Брис од носсе зема пред или најмалку 3 – 4 часа од последното испирање на носот со средства за исплакнување и/или употреба на капки за нос. Најдобро би било за микробиолошки преглед да се собере густиот обоен секрет од носот, бидејќи тој укажува на  бактериска инфекција, за разлика од проѕирниот и воденкаст секрет, кој обично ја прати вирусната инфекција.При земањето брис од грло и нос кај деца, неопходна е помош од родител или друго лице, кое треба да го држат детето во скутот, меѓу своите нозе да ги држи нозете на детето, со едната рака да ги покрие и држи притиснати двете раце на детето, а со другата рака поставена на челото на детето да ја држи главата на детето наслонето на своит гради, се додека стручното лице ги зема брисевите од нос и од грло.

 

5. Земање на примерок искашлок

 

Искашлок (sputum)за микробиолошка и молекуларна анализа најдобро е да се зема наутро, кога кажлањето е најпродуктивно. Лица што немаат продуктивна кашлица (не искашлуваат) не можат да испитуваат микробиолошки спутум. Пациентот треба прво да ја исплакни устата со гаргарање со обична вода, потоа длабоко да се искашла и да го исплука искашлокот во стерилниот сад, со што е можно помалку плунка.Најдобро е паралелно со испитувањето на спутум да се испита и брис на усната празнина. Квалитетот на спутумот за микробиолошко испитување се проверува со макроскопски, со проценка за количеството на искашлок и плунка и микроскопски, според количеството на орофарингеални епителни клетки. Примерок со големо количество плунка и без шлајм (искашлок од долните дишни патишта не е соодветен за микробиолошко испитување како спутум и треба да се одбие и да не се обработува.

 

6. Земање на примерок за генитални брисеви

 

 Генитални брисеви од женскиот генитален трак (вагина и цевикс) треба да се земат на гинеколошки стол и под спекулум. Брисевите може да се земаат најмалку 24 часа по сексуален однос.Се земаат еден вагинален брис (за бактерии и квасници во вагината), и 3 цервикални брисеви, кои се земаат по редослед со означување на брисевите: прв цервикален брис – за бактерии, втор брис – за микоплазма и уреаплазма и трет брис – за хламидија.Уретрални брисеви се земаат наутро, пред првото мокрење или најмалку 2 часа по последното мокрење. Се испитуваат три уретрални брисеви, кои се земаа по ред: прв брис – за бактерии и квасници, втор брис – за микоплазма и уреаплазма и трет брис – за хламидија.Брисевите за HPV се земаат на гинеколошки стол под спекулум, од страна на гинеколог на кој што претходно му се доставуваат готови медиуми.

 

7. Земање на примерок за спермокултура

 

Спермокултура се изработува од сперма која пациентот треба да ја собере сам, директно во стерилно шишенце. Постапка за собирање сперма за сермокултура: се прави тоалета на надворешните генитални органи и под кожичката на главата на половиот орган, со млака вода, како за уринокултура. Пациентот треба да се измокри (уринира).Спермата која ќе ја исфрли со мастурбација ја собира директно во стерилното шише. Препорачливо е заедно со спермокултура да се испита и уринокултура, заради споредба на изолираните видови бактерии и бројот на CFU/mLво двата примероци и исклучување на уринарна инфекција или асимптоматска бактериурија и контаминација на спермата.

 

За Пациентите
ПОДГОТОВКА НА ПАЦИЕНТ
Дознај повеќе за…
Тироиден Хормонски Статус
Витамин D
Дијагноза и мониторинг на канцер
Шеќерна болест (Diabetes mellitus)
Ценовници
Ценовник на анализи
Погледнете го ценовникот на Биотек лабораторија.
Сите права се задржани - БИOTEK ЛАБОРАТОРИЈА - 2021